Од пештерата во Тајланд, денеска се извлечени уште четири деца, со што досега се спасени осуммина, пишува новинската агенција АП. Во моментов остануваат заробени уште четири деца и нивниот 25-годишен тренер. АП информира дека тајландските спасувачки служби се таинствени и не соопштуваат детали за тоа како се одвива спасувачката операција.
Спасувачите во провинцијата Чианг Раи на северот на Тајланд влегуваат во пештерата со шишиња кислород и маски за децата, а потоа ги извлекуваат со помош на јаже кое минува низ кривулестите и тесни премини долги неколку километри. Спасувачката акција е комплицирана оти дел од децата се непливачи, па мораа да бидат обучувани од страна на тајландски и странски нуркачи пред да се направи обид за нивно спасување.
Дванаесет деца на возраст од 11 до 16 години, членови на јуниорски фудбалски тим, заедно со нивниот тренер беа заглавени во пештерата од 23 јуни.