(Видео) Одржана традиционалната велигденска трка во Белата куќа

Претседателот на САД Доналд Трамп ја отвори традиционалната годишна Велигденска трка со јајца во Белата куќа.

„Сакам на сите да ви посакам среќен Велигден“, изјавил Трамп во обраќањето од балконот во Белата куќа, каде друштво му правела првата дама Меланија Трамп и едно лице од персоналот, облечен во бел зајак со очила.

Американскиот претседател со дување на свирка го означил почетокот на Велигденската трка во градината на Белата куќа, што претставува една од многуте активности организирани за 30.000 возрасни и деца кои влегле низ капијата во текот на Велигденскиот ден.

Главниот настан со традиционалната трка со јајца, во кој тврдото сварено јајце се турка со лажичка низ тревата, во Белата куќа се одржува од 1878 година.

Првата дама Меланија најави и две нови дополнителни активности, во кои се вклучени музички јајца и училишни игри. Исто така организиран е коридор во кој првата дама и други официјални лица од Белата куќа, им читаат на децата приказни, додека тие пишуваат честитки до американските војници.

Scroll to Top