Бразилецот Жоао Переира во 2011 година од остров во близина на Рио де Жанеиро спасил пингвин од сигурна смрт. Тој го нашол заглавен меѓу карпите, прегладнет и покриен со нафта. Тој му го дал името Диндим, па го негувал пингвинот во својот дом, а откако го излечил, го вратил во океанот. Во знак на благодарност, пингвинот секоја година плива повеќе од 8.000 километри за да го посети својот спасител.
„Го сакам Диндим како да е мое дете, а верувам дека и тој мене ме сака. На никој друг не му дозволува да го погали и почнува да крешти ако некој му се приближи премногу блиску. Јас го хранам со сардини, го бањам и го галам додека седи во мојот скут “, рекол Переира за бразилските медиуми.
Биолозите велат дека никогаш порано не виделе таква поврзаност меѓу човек и пингвин.
„Кога Диндим ќе го види старецот, тој се движи и ја врти опашката како куче, а сигурен сум дека тој верува дека Жоао е дел од неговото семејство”, вели еден од биолозите што оваа година ја следела поврзаноста на пингвинот и старецот.
Диндим пет години по ред оди да го посети Переира. Се појавува во јуни, а во февруари оди до крајбрежјето на Аргентина и Чиле за да се пари.