(Видео) Првиот семафор во светот го прослави 150. роденден

Поминаа 150 години од првиот семафор, кој се наоѓа во Лондон. Во 1868 година семафорот бил поставен покрај Вестминстерската палата. Претходно сообраќајот го регулирале полицајци, пишува Би-би-си.

Со загубата на повеќе од 1000 човечки животи низ улиците на Лондон, на почетокот на втората половина на 19 век надлежните се одлучиле да воведат ред во сообраќајниците. Решението го имал железничкиот инженер Џон Пик Најт.

Првиот семафор многу наликувал на железничка сигнализација. Имал движечки раце, кој рачно ги контролирал полицаец. За ноќниот режим биле користени црвени и зелени гасни лампи.

„Директната контрола на движење не му се допаднала премногу на викторијанското либерално друштво“, вели Дејвид Руни од Универзитетот во Лондон за „Ен-би-си њуз“.

Сепак, кариерата на првиот семафор била кратка затоа што по само месец дена работа, гасот предизвикал серија експлозии во кои еден полицаец претрпел сериозни повреди.

Од тогаш Лондон чекал повеќе од половина век на електричните семафори. Тие на средината на дваесеттите години пристигнале од САД и почнале да се поставуваат на бројни сообраќајници во градот.

Модерните електрични семафори се американски изум, а првиот семафор со црвени и зелени светла е поставен во 1912 година во Солт Лејк Сити. Го направил полицаецот Лестер Вајер.

Во истиот град, пет години подоцна, почнал да работи и првиот мрежен систем на семафори, со кои се управувало од едно место, а се регулирал сообраќајот на шест раскрсници.

Автоматската контрола на  раскрсниците е воведена во март 1922 година во Хјустон, Тексас.

Првиот семафор што го регулирал сообраќајот во сите четири насоки на раскрсницата и со три бои бил направен во 1920 година во Детроит.

Како што пренесува РТС, по одлуката на Управата на Град Белград, првиот семафор во Србија е поставен на 4 ноември 1939 година на раскрсницата меѓу денешниот булевар Крал Александар, улиците Кнез Милош (поранешна Крал Фердинанд) и Таковска.

Овој семафор го регулирал сообраќајот од седум часот утрото до десет часот вечерта, а до 11 часот вечерта било вклучено само жолтото светло.

Scroll to Top