(Видео) Руската православна црква ќе снима реално шоу во манастир

Телевизискиот канал „Спас“ кој е поврзан со Руската православна црква, бара луѓе што ќе сакаат да учествуваат во религиозното реалното шоу што ќе се снима во манастирот Нилов. Манастирот се наоѓа на остров среде езерото Селингер, на половина пат меѓу Москва и Санкт Петербург. Реалното шоу ќе се вика „Остров“.

„Пронајдете се и дознајте за светот на манастирскиот живот“, е слоганот на огласот во видео-рекламата. Потенцијалните учесници во шоуто треба да поминат еден месец „вежбајќи покорност“. „Пронајдете ги одговорите на оние прашања што ве мачат долго време“, додаваат во рекламата.

Од учесниците се бара да испратат видео снимка во која кажуваат нешто за себе и зошто сакаат да поминат време во манастирот. Засега не е познато како ќе бидат избрани учесниците или дали ќе има интеракција меѓу нив. Бидејќи манастирот е исклучиво машки, се претпоставува дека жените нема да можат да учествуваат.

Во државниот регистар на Русија стои дека телевизискиот канал „Спас“ е приватно финансиран во времето на основањето во 2005 година, со цел да се промовираат православните христијански вредности, а сега е во сопственост на Руската православна црква, најголемата верска заедница во земјата.

Scroll to Top