(Видео) Руската претставничка на Евросонг доби тужба оти ги подржува правата на жените

Руското истражно тело денеска објави дека ја проучува тужбата поднесена од патриотските здруженија поради песната на активистка за правата на жените, која би требало да ја претставува Русија на Евровизија.

Велат дека нивната претставничка на Евросонг ги поткопува темелите на руската култура.

Русија ќе биде претставена на Евровизија 2021 од Манижа, пејачка по потекло од Таџикистан и активистка за правата на жените, со песна наречена ,,Русинка“, која ја фали силата на Русинките и зборува за сексизмот во Русија.

Пејачката, која се залага за правата на ЛГБТ луѓето, е бомбардирана со ксенофобични и сексистички навреди откако била номинирана благодарение на гласањето на публиката на руската телевизија.

Руската истражна комисија, орган надлежен за најтешки злосторства, денеска соопшти дека добил тужба за песната.

Во тужбата се бара од комисијата да преиспита „дали има нелегални зборови во текстот на песната од пејачката Манижа“.

„Ова ќе се испита во согласност со законската процедура“, изјавила портпаролката на Истражната комисија, Светлана Петренко, пренесуваат руските новински агенции.

Во вторникот, Здружението на воени ветерани, во договор со министерствата за внатрешни работи и одбрана и безбедносните служби, преку отворено писмо ја повика Истражната комисија да покрене кривична постапка.

Организацијата проценува, меѓу другото, дека пејачката „поттикнува тензии и меѓуетничко непријателство“ меѓу Русите и Таџикистанците.

Здружението на православните жени денеска преку отворено писмо соопшти дека „појавувањето на пејачката на сцената ги навредува и грубо ги понижува жените во Русија“.

Здружението додава дека текстот на песната „отворено ја исмејува руската духовност и култура“, ја „поттикнува“ омразата кон мажите и со тоа ги уништува темелите на традиционалното семејство “.

 

Scroll to Top