(Видео) Сондата „Инсајт“ ги сними првите звуци на Марс

Сондата „Инсајт“, која минатата недела слета на површината на Марс, го снимила првиот звук создаден од ветерот на Марс. На снимката се слушаат татнежи со ниски фреквенции. Снимката е објавена во центарот за развој на НАСА.

Се проценува дека ветерот се движел со брзина од 16 до 24 километри на час, а научниците наведуваат дека станува збор за првите звуци снимени на Марс.

„Ме потсетува на ветровит попладневен ден во лето“, изјавил Дон Бенфилд, научник од универзитетот Корнел.

Некои од научниците вклучени во проектот, пак, велат дека звукот бил невообичаен.

Томас Пајк, вработен во колеџ во Лондон, вели дека звуците се поинакви од сето она што човекот го има искусено на Земјата.

Звукот го направил ветерот што дувал во соларниот панел „Инсајт“ и на тој начин предизвикал вибрации на целата свемирска сонда. Звуците се снимени благодарение на сензорот за воздушен притисок и сеизмометарот на сондата.

Ниската фреквенција е последица на малата густина на воздухот на Марс, но и на самиот сеизмометар, чија цел е откривање на сеизмичките бранови во подземјето.

„Инсајт“слетал на Марс  на 26 ноември.

Scroll to Top