Русија работи на нов стелт бомбардер од шестата генерација, познат и како „Тајниот проект на Владимир Путин“, пишува „Телеграф.рс“.
На авионот кој ја носи ознаката PAK DA, односно „Проект 80“, работи Обединетата воздушна корпорација (која е составена од производителите на Микојан – МиГ, Иљушин, Сухој, Јаковлев и Туполев), а „невидливиот“ авион ќе се произведува во фабриката Туполев, пренесе агенцијата Тас.
Засега се знае малку за овој авион, освен дека станува збор за летало конструиурано по моделот на американскиот бомбардер Б-2 Спирит, но и дека е во прашање авион со намалена видливост за радарите (стелт), кој ќе може да носи големи количини различни видови ракети и бомби.
Руските дизајнери претходно изјавија дека тестирањето на новиот авион треба да биде завршено до крајот на 2026 година, а дека сериското производство би започнало една година подоцна.
Единствените познати технички детали за „Проектот 80“ се дека големиот бомбардер ќе биде дизајниран да може да прелета со 12.000 километри и дека ќе има носивост од борбен товар од дури 30 тони.