(Видео) Во Јудеја пронајдени нови парчиња од Свитоците од Мртвото Море

Израелските археолози пронашле нови антички парчиња од библиски ракописи, одлично сочувани во пештера во Јудејската Пустина.

Првичните Свитоци од Мртвото Море беа пронајдени пред околу 70 години, а ова најново откритие Израелците го нарекоа „неверојатно и ретко“.

Ископувањата на овој локалитет, кој се наоѓа во пустината јужно од Ерусалим, почнале во 2017 година, а повод било да се провери пределот кој бил честа мета на крадци на артефакти. Археолозите биле запрепастени од условите внатре во пештерите кои нуделе одлична презервација на античките свитоци стари повеќе од 1500 години.

Новооткриените свитоци содржат текстови на старогрчки јазик од книгите на Захарија и на Наум, а со помош на радиојаглеродно датирање откриваат дека биле создадени некаде во 2 век од новата ера, што ги прави нешто помлади од оригиналните Свитоци од Мртвото Море, познати и како Кумрански ракописи. Археолозите веруваат дека овие нови свитоци припаѓаат на претходно пронајдени фрагменти во Пештерата на ужасот, каде биле најдени заедно со 40-ина човечки скелети некаде во 60-тите години на минатиот век.

 

Првичните Свитоци од Мртвото Море се серија од антички ракописи пронајдени во 40-тите и 50-тите години на минатиот век за кои се верува дека потекнуваат од периодот помеѓу 3 век пред новата ера и 1 век од новата ера. Тие содржат и најрана позната копија на одредени библиски текстови.

Пронајдените свитоци се претпоставува дека им припаѓале на бунтовници кои пребегале и се сокриле во пештерите на крајот од востанието на Бар Кохба, еврејски бунт против Рим за време на владеењето на императорот Адријан од 132 до 136 година.

Освен свитоците, археолозите пронашле и колекција на монети, делумно мумифициран скелет на дете завиткано во наметка, старо 6 илјади години, како и други работи.

Израелскиот државен орган за антиквитети објави и видео по повод овој голем археолошки пронајдок.

Scroll to Top