Виена прогласена за најубаво место за живеење во светот

Главниот град на Австрија, Виена, го победи Мелбурн и беше прогласена за најпогоден град за живеење на светот.

Ова е првпат еден европски град да го предводи годишното рангирање што го прави британската група Економска истражувачка единица (ЕИУ).

Листата која опфаќа 140 градови од целиот свет се базира врз фактори како политичка и економска стабилност, стапка на криминал, образование и достапност на медицинската нега.

Манчестер е европски град кој покажа најголем напредок, па скокна од 51-то на 35. место, со што го надмина и Лондон.

„Безбедноста е подобрена во неколку западноевропски градови, а првото место на Виена е одраз на релативната повратеност на стабилноста низ цела Европа“, кажа уредничката на истражувањето Роксана Славчева.

Мелбурн беше симнат од првото место по цели седум години и сега е втор, па следуваат Осака (Јапонија), Калгари (Канада), Сиднеј (Австралија), Ванкувер (Канада), Токио (Јапонија), Торонто (Канада), Копенхаген (Данска) и Аделаида (Австралија).

На дното на листата е Дамаск, пред кого се Дака и Лагос.

Scroll to Top