Внуките на американскиот гангстер Ал Капоне подготвуваат аукција на која ќе ги продаваат скапоцените приватни предмети на нивниот дедо. На аукција ќе се најдат и неговиот омилен пиштол, фотографии со семејството, писмото што од затворот Алкатраз му го испратил на синот Сони.
Аукцијата ќе се одржи во Сакраменто на 28 август, а ќе има уште некое оружје во сопственост на Ал и Сони, дел од златник, неговиот џебен часовник изработен од платина и дијаманти, мебел, сребро, порцелан и накит и домашен филм на стара лента во кој е снимен Капоне со соработниците, соопшти весникот „Сан Франциско хроникал“.
Аукцискиот каталог се состои од 174 предмети.
Дајан Капоне (77), една од трите живи внуки на поранешниот мафијашки бос, вели дека одлучиле да ги продадат предметите бидејќи сите имале над седумдесет години.
„Решивме дека е време да се справиме со тоа и да ѝ дозволиме на јавноста да ги има тие предмети“, рекла таа.