Во Израел е пронајдена винарница стара 1,500 години, која, според археолозите, важела за најголема во светот во тоа време. Во Јавна, јужно од Тел Авив, биле ископани пет дробилки за грозје. Се проценува дека во винарницата од византиската ера се произведувале два милиона литри вино годишно, пишува Би-би-си. По производството, виното било извезувано во целиот Медитеран. Археолозите што работеле на ископувањата рекле дека се изненадени од големината на винарницата.
Кога ќе завршат конзерваторските работи на локалитетот, планирано е местото да биде отворено за посетители. На површина од речиси четиристотини квадратни метри пронајдени се пет дробилки за грозје, капацитети за складирање и ферментација на виното, просторија за амбалажирање на виното и сушница за ќупови во кои се чувало виното. Конечниот производ бил познат како вино „газа“ и „ашкелон“, имиња што ги добило според пристаништата од кои било извезувано во Европа, Северна Африка и во Мала Азија.
Во тоа време виното по својот квалитет било познато на Медитеранот, и важело за незаменлив пијалак за многумина.
„Виното било еден од главните извори на храна и безбеден пијалак бидејќи во тоа време водата многу често била загадена“, вели Џон Селигман, еден од водачите на ископувањата.