Во Луксор пронајдена мумија стара 3.600 години

Египетски и шпански археолози при ископувања во градот Луксор во Египет, пронајдоа дрвен сандак во кој се наоѓа мумија од 1600 година п. н.е. Мумијата датира од 17-та династија на фараонското семејство, а била најдена во дрвен сандак со димензии 175 на 33 сантиметри. Се претпоставува дека станува збор за девојка која имала 15 години кога починала. Возраста не може да се одреди точно заради лошо зачуваните останки.

На ушите на мумијата биле најдени спирални бакарни обетки, на рацете два прстена од кои едниот изработен од коски, а другиот бил украсен со сини стаклени перли поврзани со жица на метална основа.

Во едноделниот ковчег од јаворово дрво се најдени и четири ѓердани изработени од скапоцени камења во различни бои. Во платнени завои бил завиткан текст со хиероглифи кој го открива идентитетот на мумијата. Најдени се и  црвени кожени сандали со разни мотиви на богови, мачки и розета. Сандалите се стари 3.600 години и се во добро зачувана состојба. Според големината и шарите, се заклучува дека ѝ припаѓале на возрасна жена.

Археолозите во текот на истражувањето нашле и капела изработена од кал и цигли, како и остатоци од погребни предмети. Исто така најден е и помал ковчег, поставен спроти капелата, изработен од кал и цигли и врзан со жица.

Scroll to Top