Во Македонија се роди првото бебе во вода

Во приватната гинеколошко-акушерска болница „Плодност“ во Битола, се роди првото бебе во вода. Оваа метода првпат се применува во било која болница во Македонија. Мајката која е од Битола, роди девојче и ова е нејзино прво дете. Двете се во одлична состојба, а мајката е пресреќна што на овој начин и беше овозможено породувањето.

„Ова е огромен успех за тимот на болницата ‘Плодност’, кој после бројните обуки надвор од државата, имаше можност оваа метода да ја примени за прв пат и во Македонија. Породувањето за мајката и за новороденчето со оваа метода носи голем број предности: топлината на водат го опушта телото, што за мајката значи намалување на родилните болки, кои траат пократко и се поефективни, со што се намалува потребата од обезболување“, велат од болницата.

Кадата во која се одвивало породувањето е специјално изработена од материјал и форма дизајнирана за породување и во таков облик кој ѝ дава комфор на родилката и на акушерките за взаемна работа.

Породувањето во вода важи за алтернативен метод, кој е често применлив во клиниките во светот.

Scroll to Top