Возач на ЈСП на скопјанец му врати паричник со цела плата

Возачот на автобус на ЈСП, Мирослав Деспотовиќ му го вратил паричникот со цела плата на скопјанецот Фериз Шабани откако го нашол во автобусот. Тој во внатрешната контрола на ЈСП веднаш пријавил дека нашол изгубен паричник, а оттаму го побарале Шабани и му го вратиле истиот ден.

„Пресреќен сум, плачев од радост. Во паричникот ми беше целата плата, имав 10.000 денари и 200 евра. Да не зборувам дека внатре беа мојата и личната карта на мојата сопруга и сите други документи. Не знам како ќе преживеев без парите до следната плата. Премногу сум благодарен што сè уште постојат чесни луѓе“, рекол Шабани за „Независен“.

Настанот се случил пред неколку дена. Шабани со својата сопруга тргнал да пазарува на Бит-пазар, а паричникот го изгубил меѓу седиштата. Загубениот паричник го нашол Деспотовиќ на последната постојка кај Транспортниот центар, при редовната контрола на празниот автобус. Тој рекол дека често луѓе ги губат паричниците, но дека многу ретко се случува да најдат полн паричник.

 

Scroll to Top