За да не пропадне, фински скијачки центар ќе го зачува снегот до следната сезона

Во финскиот зимски центар Леви, кој е 150 километри северно од Арктичкиот Круг, скијачката сезона вообичаено навлегува и во мај. Но, зардаи пандемијата на коронавирусот, оваа година таа беше прекината уште во март, иако имаше најмногу снег во поновата историја. За да не пропадне, Леви одлучи да го зачува снегот за следната сезона.

Голем број работници во изминатиот период го собираа снегот од скијачките патеки на неколку големи купови, кои потоа беа покриени со три слоеви специјална ткаенина за да се заштити од дожд, ветер и сонце. На тој начин, преку лето ќе се истопат само 5-10% од снегот.

„Оваа зима имавме 1,2-1,3 метри снег. Ова беше најснежната година во последните пет-шест децении. Вообичаено, сега би имало многу луѓе на скијачките патеки. Се трудиме да зачуваме најголем дел од снегот за следната есен. Секој куп има 10.000-30.000 кубни метри снег“, вели Марко Мустонен, комерцијалниот директор на зимскиот центар Леви.

Тој рече дека за еден месец биле собрани 15.000 камиони снег од падините, со што следната сезона ќе може да се отвори уште во октомври, без да се чека да падне нов снег.

Scroll to Top