Брачна двојка од руската западна ексклава Калининград се соочува со 20 години казна затвор затоа што го откриле идентитетот на таен агент, кој се појавува на фотографиите од венчавката.
Двојката ги објавила фотографиите во јавност и сега се соочува и со обвинувања за откривање државни тајни на странски известувачки служби, јавуваат руските медиуми.
Антонина Зимина, директорката од Балтичкиот центар за дијалог и култура, и нејзиниот сопруг Константин Антонјетс, се обвинети за предавство.
Поранешниот школски другар на невестата и сегашен службеник на контраизвестувачката служба на Федералата служба за безбедност се појавил на некои од фотографиите од венчавката, кои кружат на социјалните мрежи и на телевизијата „Балтик“, пренесува „Москва тајмс“.
Како што изјавил таткото на Зимина во четвртокот за новинската агенција RFE/RL, која е финансирана од САД, неговата ќерка и сопругот сега официјално се обвинети и за пренесување доверливи информации на припадниците на известувачките служби во Летонија.
Константин наводно дошол до тие податоци додека работел како адвокат на министерот за економија на регионот Калининград, известил минатата недела дневникот „Комерсант“ повикувајќи се на неименувани извори.
Како што е наведено, станува збор за документи што содржат податоци за активностите на регионалните известувачки служби и проекти што ги финансира локалната управа.
Повикувајќи се на анонимни извори, Znka.com во четвртокот пренел дека Константин ги споделил тајните документи кои се однесуваат на јавно достапната одлука за помош на калинградската администрација на жителите на специјалната економска зона.
Против него наводно сведочел и заминик-министерот за економија на овој регион. Таткото на невестата тврди дека поранешниот заминик-министер во сведочењето изјавил дека Константин и Зимина предале доверливи документи во Летонија пред три или четири години.
Потоа Константин учествувал во нивното составување. Константин и Зимина се уапсени во 2018 година, а судењето почнало во мај годинава зад затворени врати.
Двојката ги негирала ваквите обвинувања. Таткото на невестата претходно изјавил дека агентот на FSB, капетан Макси Денисенко, отворено зборувал за својата работа и дека на двојката самиот им ја предал својата визит-карта на нивната венчавка во 2015 година.
Односите меѓу Русија и Летонија и нејзините балтички соседи, кои се во ЕУ и НАТО, се затегнати по распадот на Советскиот Сојуз и особено кога Русија го анектира Крим. Руските власти во последните години обвинија низа поединци за велепредавство и откривање државни тајни.
Меѓу обвинетите има и научници и новинари.