Владата на Естонија планира да воведе бесплатен автобуски превоз со надеж дека на тој начин ќе ја стимулира руралната економија.
Портпаролот на Министерството за економија во оваа земја, Расмус Руда, изјавил денеска за агенцијата АП дека новата автобуска шема, која ќе почне од 1 јули, ќе им овозможи на Естонците бесплатно да се возат со автобус внатре во општинските линии.
Како што навел, тоа би требало да ги поттикне економијата и патувањата.
Автобуската шема нема да биде на национално ниво во почетната фаза затоа што некои региони одлучиле да останат надвор од проектот.
Талин во 2013 година вовел бесплатен јавен превоз на автобусите, трамваите, а подоцна и возовите за граѓаните што живеат во главниот град на Естонија, а тој потег се покажал како мошне успешен.
БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ И ЗА ОНИЕ ШТО ЧИТААТ КНИГИ
Пред три години властите во романскиот град Клуж Напока, во Трансилванија, дошле до интересна идеја како да ги поттикнат своите сограѓани да читаат книги.
Според пишувањата на интернет-страницата ActuaLitte, општинските официјални лица им овозможиле бесплатен градски превоз на сите патници што во текот на возењето со автобус читаат книга.
Иницијативата уште од 2014 година ја поттикнал младиот активист Виктон Мирон, а ја прифатил и поддржал градоначалникот Емил Бок.
„Мислам дека е подобро да се промовира читањето така што ќе се наградуваат оние што читаат наместо да ги критикуваат оние што не го прават тоа“, објаснил Мерон, чија идеја била усвоена во јуни 2015 година кога во текот на неколку дена патниците со книги можеле бесплатно да се возат.
ВО КОИ ДРУГИ ЗЕМЈИ ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ Е БЕСПЛАТЕН?
Освен во Естонија, граѓаните уживаат во бесплатниот градски превоз и во Словенија, Америка, Австралија, Белгија, Бразил, Бугарија, Канада, Кина, Чешка, Данска, Русија, Финска, Франција, Грција, Италија, Норвешка, Полска, Велика Британија, Литванија, Малезија, Турција, Шведска, Шпанија, на Тајланд и на Фарските Острови.
Некаде е бесплатно користењето на јавниот градски превоз во однос на сите граѓани, а некаде на одредени категории, како студенти, деца и пензионери, како и на одредени линии на превоз.
Словенците бесплатниот градски превоз го користат во Велење, Бугарите во градот Самоков, а Италијанците во Ливињо. Бесплатен градски превоз во главните градови во своите земји имаат Грција во Атина, Норвешка во Осло, Малезија во Куала Лумпур, Тајланд во Бангкок и Фарските Острови во Торшавн.
Во Австралија бесплатен градски превоз има во Аделаида, Бризбејн, Мелбурн и во Перт.
Кога станува збор за Америка, бесплатен градски превоз постои во 32 дестинации, меѓу кои градовите Бостон, Балтимор, Хановер, Мајами, Питсбург, Солт Лејк Сити, но и државите Хаваи, Ајова и Арканзас.
Франција, Бразил и Полска во однос на Америка предничат со бројот на дестинации во кои градскиот превоз е бесплатен. Детаљниот список на градовите можете да го видите на следниот линк: