Зошто некои месат лепче со паричка на Василица, а некои на Бадник?

Иако кај нас обичаите налагаат тоа да се прави на бадниковата вечер, сепак верското учење вели дека лепчето со паричка треба да се подели на Василица. Секој во семејството добива по едно парче од погачата, а тој што ќе ја добие паричката ќе има среќа во текот на целата година. Според свештениците, лепчето се крши на 14 јануари, но истото може да се стори и вечерта на 13 јануари, во пресрет на празникот.

Со тој благослов православните верници во земјава на 14 јануари годинава ќе ја прослават православната Нова година, позната како ден на свети Василиј Велики ­ Василица. Исто така, на овој ден се обележува и празникот Обрезание Господово.

Теолозите на Македонската православна црква-ОА кршењето на лепчето со паричка го поткрепуваат и со житието во кое се објаснува добрината на свети Василиј Велики, кој истапил пред епархот на Кападокија, кој бил алчен човек и имал обичај редовно да доаѓа со својата војска и да го ограбува градот.

„Кога на свети Василиј му јавиле дека епархот повторно доаѓа, тој побарал од богатите луѓе во Кеасрија да ги донесат накитот и златниците. Кога епархот пристигнал, свети Василиј го пречекал и му го понудил богатството. Епархот се изненадил и одбил што било да земе, ниту, пак, го ограбил градот. Тој никогаш повеќе не се вратил, ниту, пак, им досадувал на верните од градот. Но, свети Василиј останал со сиот накит и златници токму на новогодишната вечер, не знаејќи кому што му припаѓа.­ Тогаш, просветлен од Господ, ги замолил готвачите да направат мали лебови за секој верник, во кои ставил од златниците и накитот. Следниот ден, во црква, на сите им ги поделил. Секој го нашол она што претходно му го дал. За спомен на овој настан до ден­денес се практикува на денот на свети Василиј Велики, односно на Нова година (по стариот календар), да се меси лепче со паричка, објаснуваат теолозоте.“

Според нив, лепчето се разделува така што првото парче е наменето за спомен на Господ Исус Христос, второто за Пресвета Богородица, третото за свети Василиј Велики. Понатаму лепчето им се разделува на присутните.

Покрај Македонската православна црква, според јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и  калуѓерите на Света Гора. За разлика од нив, по грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

Scroll to Top