Кадаиф со путер и ореви

Потребни состојки:

1 пакување кадаиф,
200 г путер,
5 лажици масло,
400-500 г ореви

За шербет:
1 кг шеќер,
3 парчиња лимон
вода

Начин на подготовка:

Путерот и маслото загрејте ги додека путерот да се растопи и одржувајте го топол на врелиот шпорет. Оревите сомелете ги на крупно.

Кадаифот редете го во тепсија број 30. Половина кадаиф ставете го во тепсијата и убаво распоредете го внимавајќи да не се искрши. Тепсијата не треба претходно да се масти. Една третина од врелиот путер со лажица прелијте го преку кадаифот и рамномерно распоредете ги оревите. Остатокот од кадаифот распоредете го врз оревите и лесно со дланките притиснете за убаво да собере во тепсијата. Прелијте со остатокот од путерот и масло. Рерната вклучете ја на 170 степени и ставете го кадаифот да се пече околу еден час.

Ако рерната ви е пресилна, намалете ја температурата на 160 степени. Кадаифот е печен кога ќе почне да се одвојува од рабовите на тепсијата. Кога ќе го ставите кадаифот во рерната, почнете да го приготвувате шербетот.

Сирупот мора да биде густ. Во тенџере ставете го шеќерот и додајте вода толку колку да биде потопен шеќерот и еден прст одозгора. Се додава и малку лимон исечен на тркалца. Варете додека да добиете густа смеса.

Испечениот кадаиф оставете го да се излади, па прелијте го со врелиот шербет.

Scroll to Top