„Фајзер“ почна клинички испитувања на лек против Ковид-19 во вид на таблети

Фармацевтската корпорација „Фајзер“ најави дека почнале клиничко испитување на лек против Kовид-19 и дека веќе ја тестираат неговата способност превентивно да го намали ризикот од инфекцијата.

Неколку компании, вклучувајќи ги „Мерцк“ и „Рош“, работат на овие таканаречени антивирусни лекови. Лековите имаат цел да го спречат размножувањето на вирусот. Нивната примена би била двојна: да помогне пациентите да немаат тешки симптоми, а во исто време да го спречат развојот на симптомите кај лица што биле во близок контакт со заразени од корона.

„Во случај на позитивни резултати, веруваме дека овој лек ќе помогне да се запре вирусот многу рано, пред да може силно да се рашири, така што ќе се спречат потенцијално симптоматските случаи на болеста кај оние што биле изложени на вириусот и ќе се забави почетокот на инфекцијата кај другите“, вели Микаел Долстен, научен директор во „Фајзер“.

Според него, лековите ќе може да се комбинираат со вакцините против Ковид-19. Лекот, наречен PF-07321332, треба да се произведува во форма на таблета што се зема со чаша вода.

Втората, од трите фази на клиничкото испитување, ќе вклучи над 2.600 испитаници постари од 18 години. Едната група ќе го зема лекот двапати дневно во период од пет до десет дена, а другата група ќе добие плацебо.

Лекот веќе е тестиран на десетици луѓе за да се докаже дека не е опасен за здравјето. За секој што е веќе заразен, овој лек ќе биде особено ефикасен во првите денови на инфекцијата, пред вирусот да се размножи во голема мера.

Лекот на „Фајзер“ не е добиен со адаптација на друг лек, туку е развиен специјално за САРС-КоВ-2. Но, тој ќе се користи во комбинација со мала доза „ритонавир“, лек против вирусот што предизвикува СИДА, додаваат научниците.

Scroll to Top