Алкохолот и како тој влијае врз ковид-вакцината и телото?

Нема докази дека по вакцинацијата против коронавирусот, алкохолот влијае врз ефикасноста на вакцината. Ова е ставот на британската Агенција за регулирање лекови, која реагира откога на социјалните мрежи се појавија шпекулации за потребата од апстиненција од алкохол две недели по вакцинирањето.

„Досега нема докази дека алкохолот влијае на ефективноста на вакцината против COVID-19. Исто така, ништо во информациите на производителот на вакцини или во упатствата на Британската здравствена служба не посочува на ваков заклучок“, соопшти Агенцијата.

Се смета дека теоријата за апстиненцијата потекнува од Русија, каде што едно од официјалните лица јавно предупреди дека алкохолот може да ѝ наштети на способноста на организмот да развие антитела.

Илхем Месауди, директорка на Центарот за истражување вируси при Универзитетот на Калифорнија, вели дека поголемото внесување алкохол, генерално, го нарушува имунитетот и го прави човекот поранлив на зарази.

„Но, кај луѓето што пијат алкохол во умерени количини нема опасност. А умерено внесување значи не повеќе од два алкохолни пијалака на ден за мажи и еден за жени“, рече таа.

Scroll to Top