Фармацевтска компанија откри лек што ја забавува Алцхајмеровата болест

Американската фармацевтска компанија „Биоген“ објави дека го развила првиот лек што може да го забави развојот на Алцхајмеровата болест. Во светот во моментов нема сличен лек, а досега познатите лекови помагаат само во олеснување на симптомите. Најавата за овој револуционерен лек е изненадување затоа што компанијата во март годинава, наводно, го напуштила развојот на лекот заради разочарувачки резултати.

Американската компанија сега планира да побара одобрение од американските власти за лекот наречен aducanumab и сите потребни документи треба да бидат готови до почетокот на 2020 година, пренесува „Би-би-си“.

Процесот на одобрување може да трае една или две години, но доколку тој процес е успешен, компанијата има намера прво да го понуди на пациентите што биле вклучени во нивните клинички испитувања.

Новите анализи покажаа дека повисоки дози на aducanumab можат да им помогнат на пациентите со рани знаци на Алцхајмерова болест и да се забавуви нивното влошување, да се зачува нивната меморија, како и нивната способност да се справат со секојдневниот живот. Аducanumab влијае на протеинскиот амилоид кој формира огромни наслаги во мозоците на луѓето со Алцхајмерова болест. Научниците веруваат дека овие наслаги се токсични за мозочните клетки и дека нивното отстранување со помош на овој лек може да претставува голем чекор напред во третманот, иако не во целосното лекување на деменцијата.

Повеќе од десет години, фармацевтските компании не нудат нов лек за борба против деменцијата.

Хилари Еванс од британското здружение за истражувања на Алцхајмеровата болест, вели дека луѓето со Алцхајмер чекаат долго време за некој лек што ќе го промени нивниот живот, а дека најновите вести им даваат нова надеж.

 

Scroll to Top