ХПВ-вакцината ги намалува шансите за рак на грлото на матката за речиси 90 отсто

Новото истражување во Британија покажало дека вакцината против хуман папиломавирусот (ХПВ) ја намалува шансата за појава на рак на грлото на матката за речиси 90 %. Според Cancer Research UK, тоа е историско откритие што покажува дека вакцината спасува животи.

99 % од случаите со карцином на грлото на матката се предизвикани од хуман папиломавирусот, а експертите се надеваат дека вакцината речиси може да ја елиминира болеста во иднина. Тие исто така веруваат дека оние жени што се вакцинираат може поретко да одат на цервикален тест.

Во Британија девојчињата може да се вакцинираат против ХПВ на возраст од 11 до 13 години во зависност од тоа каде живеат.

Студијата ги анализирала податоците собрани по воведувањето на вакцинацијата во Англија во 2008 година, пишува Би-би-си. Студијата покажа намалување на преканцерозните промени и 87 % намалување на можноста за појава на рак на грлото на матката кај вакцинирани студенти.

Кај вакцинираните на возраст меѓу 14 и 16 години стапката на рак на грлото на матката во дваесеттите години била 62 отсто помала, а во групата вакцинирани на возраст од 16 до 18 години таа стапка била 34 отсто помала.

Во период од речиси тринаесет години во Англија се пријавени приближно 28.000 дијагнози на рак на грлото на матката и 300.000 дијагнози на преканцерозна состојба наречена цервикална интраепителна неоплазија (CIN3), покажаа податоците.

Речиси 450 помалку случаи на рак на грлото на матката и 17.200 помалку случаи на CIN3 беа забележани кај млади вакцинирани жени отколку кај невакцинирани жени на иста возраст.

„Се надеваме дека новите резултати од нашата студија ќе ги поттикнат младите жени да се вакцинираат бидејќи успехот на целата програма за вакцинација не се потпира само на ефективноста на вакцината, туку и на процентот на вакцинираната популација“, рече коавторот на студијата, Кејт Солдан, од Здравствената агенција на Велика Британија.

Сè уште не е познато колку долго трае заштитата и дали треба да се даде дополнителна доза во подоцнежната фаза од животот.

Постојат повеќе од 100 вида хуман папиломавирус. Велика Британија користи вакцина што штити од два типа на ХПВ и се подготвува да воведе таква што штити од девет типа, вклучувајќи ги и главните причинители на гениталните брадавици.

ХПВ-вирусите што предизвикуваат рак создаваат промени во ДНК на заразените клетки. Овие промени може да се појават на секое заразено ткиво. Вирусите може да се шират со вагинален, орален и со анален секс, па се поврзани и со анусот, пенисот и со некои канцерогени формации на вратот.

 

Scroll to Top