Ново научно истражување покажа дека пиењето кафе ја намалува опасноста од хронични заболувања и други здравствени проблеми поврзани со црниот дроб. Научниците ги испитуваат и можностите кафето да се користи во лекувањето на вакви болести.
„Иако тоа беше покажано и во претходни истражувања, се чини дека овој труд е најубедливиот доказ досега, дека пиењето кафе е поврзано со намалување на смртноста и болести на црниот дроб кај голем дел од населението“, смета проф. д-р Џозеф Лим, хепатолог од Медицинскиот факултет при Јејл.
Трудот, објавен во списанието „БМЦ“, посочува дека луѓето кои пијат кафе имаат 21 отсто помала опасност од заболување на црниот дроб и 49 отсто помал ризик од смрт по такви заболувања.
Здравствените придобивки биле поизразени кај луѓето кои пиеле мелено кафе во споредба со оние кои пиеле инстант-кафе. Ова истражување претставува нови докази и придонесува за теоријата дека кафето му користи на здравјето на црниот дроб. Истражувачите ги зеле предвид здравствените податоци на 495.585 луѓе кои биле следени, во просек 10 години. Од таа група, 78 насто консумирале мелено кафе со кофеин, инстант-кафе или кафе без кофеин, а 22 отсто воопшто не пиеле кафе.
За време на следењата, имало 3.600 случаи на хронично заболување на црниот дроб или стеатоза – акумулација на маснотии во црниот дроб. Исто така, пријавени се 184 случаи на рак на црниот дроб. Според истражувачите, меленото кафе содржи највисоки нивоа на кавеол и кафестол – две состојки за кои се смета дека штитат од заболувања на црниот дроб.
Здравствените придобивки, сепак, се намалуваат ако човекот пие четири до пет шолји кафе на ден.
Според д-р Тамар Тадеи, хепатолог, тешко е да одреди како и зошто кафето може да се бори против заболување на црниот дроб.
„Може да има антиинфламаторно или антифиброзно својство, двата главни и меѓусебно поврзани патишта до заболувањата, и до рак на црниот дроб. Во игра може да бидат и други фактори кои се уште не се идентификувани“, вели Тадеи.
Потребни се повеќе истражувања за да се испита како кафето, заедно со начините на неговото производство, може да ги подобри здравствените состојби при заболување на црниот дроб.