Кафето го намалува ризикот од рак на црниот дроб

Умереното пиење кафе го намалува ризикот од појава на рак на црниот дроб, покажа студија на научниците од Универзитетот во Единбург и Универзитетот во Саутемптон.

Тие ги проучувале медицинските податоци на речиси половина милион здрави луѓе и заклучиле дека пиењето секаков вид кафе го намалува ризикот од развој на хронични заболувања на црниот дроб.

Оливер Кенеди, главен автор на студијата, чии резултати беа објавени во списанието BioMedCentral, вели дека кафето може да биде потенцијално средство за спречување хронични заболувања на црниот дроб.

Луѓето кои консумирале кафе умерено имале 20 проценти помал ризик од развој на замастен црн дроб и 49 проценти помал ризик од смрт од некои хронични заболувања на црниот дроб во споредба со луѓето кои не пиеле кафе.

Но, научниците истакнуваат дека и во овој случај клучна е умереноста.

Истражувањето на тимот на Кенеди сугерира дека најголемата корист за црниот дроб е кога поединецот консумира три до четири шолји кафе дневно.

Тие дошле до овој заклучок со проучување со децении складирани медицински податоци за луѓе со познати навики за консумирање или не на кафе, што ги споредуваат со развојот на хронични заболувања на црниот дроб.

 

Scroll to Top