Икањето претставува несакана и неконтролирана контракција на дијафрагмата, која може да се повтори неколку пати во текот на една минута. Контракцијата е проследена со ненадејно затворање на гласните жици, што резултира со карактеристичен звук. Иако самиот звук често предизвикува смеа меѓу присутните, икањето знае да биде непријатна и иритирачка појава, особено кога се повторува подолго време. Во најголем дел од случаите, икавицата запира по само неколку минути.
ШТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ИКАВИЦА?
Најчести причини за појавување на икавица се:
Пребрзо јадење или прејадување; Силни емоции како страв, вознемиреност, радост или еуфорија; Консумирање на газирани пијалаци; Јадење на сува или зачинета храна; Промена на температурата во стомакот – пиење на ладен
пијалак веднаш по топол пијалак; Консумирање алкохол во големи количини; Силно смеење.
КАКО МОЖЕТЕ ДА СИ ПОМОГНЕТЕ?
Најчесто икавицата исчезнува во рок од неколку минути. Само во ретки случаи таа е знак на посериозен здравствен проблем. Доколку икањето не престане во рок од 48 часа, побарајте помош од стручно лице. Постојат повеќе различни начини на кои можете да го сопрете обичното икање.
Некои од нив можеби ќе ви делуваат смешно, но вреди да им дадете шанса. Вдишете и задржете го воздухот во вас што подолго. Длабоко вдишете и бавно избројте до 10 пред да издишете. Повторете 3-4 пати.
Напијте се ладна вода. Брзо испијте 10 мали голтки ладна вода, или пак, направете гаргара со ладна вода. Изедете една лажичка шеќер или мед. Дишете во хартиена кеса. Доколку немате хартиена кеса, покријте ги носот и устата со дланките и дишете одредено време на таков начин.
Исплазете го јазикот. Силно исплазете го јазикот за да ја сопрете икавицата. Нежно затнете ги ушите. Внимателно затнете ги ушните канали со дланките или со прстите во период од 20-30 секунди.
Многумина тврдат дека токму ова е „лек“ за здодевното икање. Загризете парче лимон или напијте се мала голтка оцет. Киселкавиот вкус помага за ослободување од икавицата. Подигнете ги колената кон градите и силно прегрнете ги.