Покрај високите температури, летниот период носи и несакани убоди од комарци, кои обично се безопасни и исчезнуваат сами за неколку дена, но предизвикуваат непријатно и иритирачко чешање.
Подложноста на каснување од комарец варира од личност до личност и зависи од производството на млечна киселина во организмот, а друг фактор може да биде крвната група. Истражувањата сугерираат дека луѓето со крвна група О се попривлечни за комарците, што може да биде причина зошто комарците повеќе ги касаат од другите.
Во прилог неколку совети со кои можете да ги ублажите чешањето и отокот.
Мраз или ладни облоги
Ставете неколку коцки мраз (завиткани во марамче или крпа) или ладна крпа над местото на убодот за да го намалите отокот. Ниските температури и мразот може да го намалат воспалението, а студот исто така ја вкочанува кожата, што може да ви овозможи моментно, но краткорочно олеснување.
Не ставајте мраз директно врз местото на убодот повеќе од пет минути, препорачливо е и пократко, бидејќи може да ја оштети кожата!
Мешавина од сода бикарбона
Направете мешавина од една лажица сода бикарбона и половина лажица вода за да ги намалите отокот и чешањето. Нанесете ја смесата врз убодот и оставете ја да стои 10 минути пред да ја исплакнете.
Алое вера
Докажано е дека ова растение има антиинфламаторни својства и може да помогне во лекување помали рани или смирување инфекции. Затоа, може да се користи и за лекување убоди од инсекти.
За да го направите ова, пресечете лист од растението на половина, а потоа нанесете го парчето од внатрешната страна со гелот врз иритираната област. Оставете го да се исуши и повторно нанесете по потреба.