Ќе ја спасам сестра ми, вели деветгодишниот Никола, првото дете донор на матични клетки за лекување леукемија

Вчера, на Клиниката за хематологија деветгодишниот Никола даруваше матични клетки за да ѝ го спаси животот на својата 15-годишна сестра Ана Марија, која боледува од акутна леукемија.

Првпат кај нас дете помладо од 14 години донира матични клетки. Досега доколку донорот беше помлад од 14 години, тој беше испраќан во странство.

Неделава, на Клиниката за хематологија едукатор од Полска спроведува обука за афереза – процедура со која матични хематопоетски клетки, кои претходно се стимулираат со биолошки лекови да излезат во периферната крв, се издвојуваат за трансплантација.

„Овие клетки нема веднаш да ги аплицираме кај девојчето затоа што првин ќе бидат криопрезервирани на температура од минус 180 степени, со што ќе останат живи. Потоа, кога сестрата на Никола ќе влезе во ремисија на болеста, ќе ѝ ги вратиме со претходно припремена високодозна хемотерапија. Клетките може да се чуваат бесконечно долго. Сестрата е дијагностицирана пред еден и пол месец. Веднаш баравме потенцијален донор како единствена опција за спасување на животот. Во процедурата најпрвин ги таргетиравме членовите на нејзиното семејство. Излезе дека брат ѝ е комплетно идентичен и се совпаѓа. Но, бидејќи се работи за деветгодишно момче, се обидовме во интернационалниот регистар да најдеме идентичен донор бидејќи Никола е сепак деветгодишно момче, кое сака да игра фудбал, да чита книги и мислевме дека е подобро да биде донор некој од несродниот регистар. За жал, со Ана Марија ниту еден од тие 40 милиони доброволни дарители не се совпаѓа. Единствена опција за живот за Ана Марија беше брат ѝ, кој на мое задоволство со насмевка на лицето се согласи на оваа процедура. Никола рече дека е тука да ѝ го спаси животот на сестра си, изјави доктор Ирина Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија, за „Слободн печат“.

Со процесот на афереза, кој се воведува на Клиниката за хематологија, ќе може донори да бидат и деца благодарение на меморандумот за соработка со Клиниката за детски болести на чело со професор доктор Аспазија Софијанова.

Scroll to Top