Лукот и кромидот го намалуваат ризикот од рак на дојката

Најновото научно истражување на професори од Универзитетот во Бафало и Универзитетот во Порторико, покажа дека јадењето кромид и лук може да го намали ризикот од рак на дојката. Тие спроведоа истражување за поврзнаноста меѓу конзумирањето кромид и лук и ракот на дојката. На крајот на опсежната студија резултатите покажаа дека јадењето кромид и лук може да го намали ризикот од рак на дојката за дури 67 проценти.

Истражувачката Гаури Десаи откри дека тие ставиле посебен фокус на Порторико бидејќи забележале дека во земјата има ниска стапка на рак на дојката.

„Порторико има помал процент на пациенти со карцином на дојка во споредба со Соединетите Американски Држави поради што беше важно да се истражи населението таму“, рекла Десаи.

Таа објаснила дека дошле до сознанија оти жените во Порторико јадат многу повеќе лук и кромид, во речиси сè, од обични јадења до специјалитети со ориз и грав. Претходните студии исто така покажаа дека кромидот и лукот имаат заштитни квалитети против ракот поради нивните антиоксидантни и ензимски својства, кои се борат против канцерот.

Студијата опфатила 314 жени на возраст меѓу 30 и 79 години, кои имале карцином на дојката помеѓу 2008 и 2014 година, како и контролна група, составена од 346 учесници, кои никогаш немале карцином. Тие одговориле на прашањата во прашалникот откривајќи ги нивните навики во исхраната, вклучително и зачестеноста на јадењето лук и кромид.

„Кај жените што јаделе лук и кромид повеќе од еднаш во денот имало 67 отсто намалување на ризикот од карцином на дојката во споредба со оние што никогаш не го јаделе“, вели Десаи.

Резултатите од истражувањето беа објавени и во научното списание „Исхраната и карциномот“.

Scroll to Top