Медитеранската диета е прогласена за најдобра, кето-диетата послeдна на листата

Четврта година по ред американската медиумска група „Њуз енд ворлд рипорт“ златниот медал за најдобра диета ѝ го додели на медитеранската диета. Разните диети беа оценувани врз одредени параметри, како тоа колку е лесно да се следи одредена диета, веројатноста дали диетата ќе доведе до долгорочно губење на тежината и најважното – колку диетата е здрава и безбедна за употреба, особено кај луѓе со хронични заболувања.

Покрај титулата најдобра диета, медитеранската диета доби награди и во други категории, како прво место во категоријата исхрана со растенија, во категорија здрави диети за лица со срцеви проблеми, како и во категорија за наједноставна диета.

  Многубројни студии откриле дека медитеранската диета може да го намали ризикот од дијабетес, висок холестерол, деменција, депресија и од рак на дојката. Со години многу нутриционисти и лекари истакнуваа дека медитеранската диета е најздрава, пред сè, затоа што диетата е претежно растителна. Кога станува збор за мастите, во повеќето случаи се користи само маслиново масло, а другите масла и путери речиси и да немаат никаква вредност во оваа диета.

Кога станува збор за месото, во медитеранската диета е помалку застапено, а најголемиот фокус е на рибата. Покрај медитеранската диета, на самиот врв на списокот се диетата ДАШ и флексибилната диета. Заедничка карактеристика на овие диети е тоа што тие се фокусираат на оброци полни со овошје и зеленчук, ореви, житни растенија и семиња.

Од друга страна, Дукан и кетогената диета и годинава се прогласени за најлоши.

 

 

Scroll to Top