Професор Петар Оташевиќ, кардиолог на Институтот за кардиоваскуларни заболувања „Дедиње“ во Белград, во интервју за српските медиуми рекол дека респираторните инфекции, а пред сè грипот, неколкупати ја зголемуваат опасноста од појава на срцева слабост.
„Знаци што покажуваат значителни оштетувања на срцето се болка во градите, неправилно чукање на срцето, слабост, отекување на нозете или неспособност да се лежи на рамно. Доколку одредено сериозно воспаление на срцето не е откриено навреме и не се лекува на соодветен начин, доаѓа до трајно оштетување на срцето во смисла на хронична срцева слабост, а некогаш дури и со смрт“, рекол тој.
Ако симптомите продолжат и по три-четири дена или ако се влошат и се појават тешкотии при дишењето, болка во градите или изнемоштеност, потребна е лекарска помош.
„Многумина не ги сфаќаат сериозно настинката и респираторните инфекции предизвикани од вируси, но овие состојби може да доведат до развој на ревматска треска, влошување на алергијата, слабеење на срцето. Настинката во комбинација со слаб имунитет како по правило значи појава на бактерии. Тие се главната причина што обично вирусно воспаление може да се комплицира и да се добие инфекција на увото, хронично синусно воспаление, продолжена кашлица, пневмонија“, додал д-р Оташевиќ во интервјуто.