Научниците пронашле начин да комуницираат со луѓе што се во длабок сон

Научниците идентификуваа нов феномен, што го опишуваат како интерактивно сонување, каде што луѓето што доживуваат длабок сон и луцидни соништа се во можност да следат упатства, да одговаат на едноставни да/не прашања, па дури и да решаваат основни математички проблеми.

Ова ново истражување на крајот би можело да нè научи како да ги обучуваме нашите соништа, за да ни помогнат кон одредена цел или да третираме посебен проблем, со менталното здравје.

Постојат многу работи поврзани со психологијата на спиењето што остануваат мистерија, вклучувајќи ја и РЕМ-фазата, каде што обично се случуваат соништата. Да се биде во можност да добиете одговори од оние што спијат во реално време, наместо да се потпирате на извештаите потоа, би можело да биде многу корисно.

„Откривме дека лицата во РЕМ-сон можат да комуницираат и да се вклучат во комуникација во реално време. Исто така, покажавме дека сонувачите се способни да разберат прашања, да се вклучат во оперативно работење и да даваат одговори“, вели психологот Кен Палер од Универзитетот „Нортвестерн“.

   

Истражувачите работеле со 36 лица во експерименти во четири различни лаборатории. Еден волонтер имал нарколепсија и често доживувал луцидни соништа, додека другите варирале во однос на нивното искуство со луцидно сонување.

За време на најдлабоките фази на сон, како што следеле инструментите на електроенцефалограм (ЕЕГ), научниците комуницирале со учесниците во истражувањето преку говорно аудио, трепкачки светла и физички допир: од волонтерите било побарано да одговорат на едноставни математички прашања, да ги избројат светлосните трепкања или физичкиот допир и да одговорат на основни прашања што бараат да/не одговор.

Одговорите биле давани преку движења на очите или движења на мускулите на лицето, однапред договорени. Низ 57 сесии на спиење бил забележан најмалку еден точен одговор во 47 отсто од сесиите каде што луцидното сонување било потврдено од учесникот.

„ Ги споивме резултатите затоа што сметавме дека комбинацијата на резултати од четири различни лабаратории што користат различни пристапи најубедливо ја потврдува реалноста на овој феномен на двонасочна комуникација“, вели неврологот Карен Конколи од Универзитетот „Нортвестерн“.

„На овој начин гледаме дека може да се користат различни средства за комуникација“, додава Канколи.

Волонтерите биле разбудени по успешниот одговор со цел да дадат извештај за своите соништа. Во некои случаи тие се сеќавале дека се „надвор од сонот“ или дека случката им се преклопувала со сонот; во други тие комуницирале со нешто што се наоѓало во самиот сон (на пример, радио).

Во објавеното истражување, истражувачите го споредуваат обидот да комуницираат со луцидни сонувачи со обидот да стапат во контакт со астронаут во вселената. Токму непосредноста на одговорите го прави овој нов пристап толку возбудлив.

Истражувањето може да биде корисно во идните истражувања за соништата, меморијата и за тоа колку е важен сонот за да ги средите спомените. Исто така, може да биде корисно во третирањето на нарушувањата на спиењето, а може дури и да ни даде начин да го обучиме она што го гледаме во нашите соништа.

„Овие повторени набљудувања на интерактивното сонување, документирани од четири независни лабораториски групи, покажуваат дека феноменолошките и когнитивните карактеристики на сонувањето можат да бидат испитани во реално време. Овој релативно неистражен канал за комуникација може да овозможи различни практични апликации и нова стратегија за емпириско истражување на соништата“, пишуваат истражувачите во својот труд.

Scroll to Top