Од СЗО открија неочекувани симптоми кај новиот сој на коронавирусот – омикрон

Од Светската здравствена организација рекоа дека откриле неочекувани симптоми на новиот сој на коронавирусот – омикрон. Како што велат, информациите што досега ги добиле за него нема причина да ја загрижуваат јавноста. Сè уште малку се знае за овој сој и ќе бидат потребни недели за да се откријат и дознаат нови работи, но според информациите што доаѓаат од Јужна Африка, каде што тој се појави, овој сој предизвикува полесни, до средно тешки облици на заболување.

Претставниците на СЗО за „Ројтерс“ рекоа дека повеќето заболени од овој сој немаат тешка клиничка слика, но тоа не значи дека не може да се случи во иднина.

„Кога станува збор за сериозноста, ги видовме извештаите, кои покажуваат дека омикрон-сојот предизвикува благи до потешки облици на болеста. Постојат некои индикации дека симптомите се благи кај голем број пациенти, но тие сѐ уште се во рана фаза од заболувањето. Поминаа само неколку дена. Ние ја следиме ситуацијата, а вистината е дека е зголемен бројот на хоспитализирани во Јужна Африка, но повторно ќе кажеме – тоа може да биде поради фактот што е зголемен и бројот на заболени. Ако имате повеќе заболени, повеќе ќе бидат и хоспитализирани“, рече советничката во СЗО, доктор Марија ван Керхове.

Докторка од Боцвана, една од првите земји во која е потврден овој вирус, вели дека 16 од 19 заразени немаат симптоми, а другите 3 имаат многу благи симптоми. Исто така, лекарите таму тврдат дека сите заразени со омикрон-сојот веќе оздравеле.

Постојана кашлица, висока температура, губењето на сетилата за вкус или мирис се дел од симптомите кај овој вирис. Но, според она што досега е позната, омикрон-сојот најверојатно предизвикува и друг тип на симптоми.

Доктор Анџелик Кеце, докторката што прва ги пријави чудните симптоми кај заболените во Јужна Африка по откривањето на новиот сој, навела три заеднички работи: замор, болки во мускулите и телото и главоболка.

Таа рече дека за разлика од заразените со делта-сојот, никој од заразените со омикрон не пријавил губиток на сетилата за вкус и мирис.

Сепак, ќе мора да помине некое време за да се дознае повеќе за симптомите што укажуваат на омикрон. Кога станува збор зошто новиот сој и понатаму дава поблаги симптоми, експертите сметаат дека како можна причината за тоа е што голем број од нив се вакцинирани, па вакцината го слабее вирусот, а другата причина е тоа што заразените главно се млади лица.

Така, една од можните теории е дека мутациите, всушност, го ослабеле вирусот.

 

 

 

 

Scroll to Top