Осаменоста е поштетна за здравјето од пушењето цигари

Експертите тврдат дека осаменоста е полоша за здравјето отколку пушењето цигари. Истражувањата покажуваат дека луѓето сѐ помалку се дружат и социјализираат и тоа им влијае на здравјето. Овој проблем е присутен секаде во сцетот. Марк Робинсон од непрофитната организација „Ејџ Ју Кеј“ вели дека осаменоста е поштетна за здравјето од пушењето 15 цигари дневно.

Во Берлин, Германија, секое второ домаќинство има само по еден член. Затоа во градот веќе постојат служби за помош на постари лица, а тие вклучуваат телефон, професионално организирање забави, дружења и комуникација преку фејсбук-групи. Поради тоа, демохристијаните од Берлин побараа да се воведе специјален комесар за осаменост.

„Некој мора сѐ тоа да го управува и за тоа е потребно работно место со цело работно време. Не е веќе доволно со тоа да се занимаваат само доброволци“, рекол портпаролот на Демохристијанската унија, Мајк Пен.

Според официјални податоци, најмалку 300 лица годишно умираат во своите станови, а никој не го забележува тоа со недели. Берлин поради тоа го доби прекарот „престолнина на осаменоста“.

Велика Британија од лани има министер за осаменост, кој беше поставен по податокот дека девет милиони Британци страдаат од чувство на осаменост.

Осаменоста не е само одлика на повозрасното население. Во САД, на пример, најосамени се луѓето родени во 90-те години од минатиот век и на почетокот на овој век.

„Околу 46 отсто од Американците изјавуваат дека понекогаш или постојано се чувствуваат осамено“, стои во истражувањето на компанијата за здравствено осигурување „Сигна”.

Според Американскиот национален институт за здравје, последици од осаменоста се: висок крвен притисок, срцеви болести, вишок килограми, ослабен имун систем, анксиозност, депресија, намалени умствени способности, Алцхајмерова болест, па дури и смрт.

Scroll to Top