Русија одобри нов антивирусен лек, „коронавир“, кој ќе се користи за лекување пациенти со Ковид-19. Ова го соопшти руската фармацевтска компанија „Р-фарм“ во време кога бројот на заразени во земјата е поголем од 700.000.
Компанијата која го развила „коронавир“ вели дека клиничкото испитување покажало оти лекот бил многу ефикасен во попречување на репликацијата на новиот коронавирус. Во испитувањето биле вклучени случаи со благи и умерени симптоми на Ковид-19.
„’Коронавир’ е еден од првите лекови во Русија и во светот што не се бори против компликациите предизвикани од вирусот SARS-CoV-2, туку против самиот вирус“, наведува „Р-фарм“.
Клиничката студија покажала подобрување кај 55 % од пациентите што не биле примени во болница на седмиот ден од третманот со ‘коронавир’ во споредба со 20 % кај оние што примале стандардна терапија.
До петтиот ден од третманот новиот коронавирус бил елиминиран кај 77,5 проценти од пациентите што зеле ‘коронавир’, тврди „Р-фарм“.
Тестирањето почна кон крајот на мај и повеќе од 110 пациенти беа третирани со лекот, соопшти Татјана Ријаженцова, директор за клинички испитувања во Централниот истражувачки институт за епидемиологија на Русија.
Ова е трет лек регистриран во Русија што го лекува новиот коронавирус. Првиот, „авифавир“, им се дава на пациентите од 11 јуни.