Што ја предизвикува бронхопневмонијата?

Бронхопневмонијата е вид пневмонија. Тоа вклучува воспаление на дишните патишта, што предизвикува гној и течност да се акумулира во алвеолите. Во продолжение прочитајте што може да ја предизвика бронхопневмонијата.

Што е бронхопневмонија?

Пневмонијата е еден вид белодробна инфекција. Се јавува кога вируси, бактерии или габи се размножуваат и предизвикуваат воспаление и инфекција на алвеолите во белите дробови.

Луѓето со бронхопневмонија може да имаат проблеми со дишењето поради стеснување на дишните патишта. Поради самото воспаление, тие може да не добијат доволно кислород.

Така, симптомите на бронхопневмонијата може да бидат благи или тешки.

Кои се симптомите поврзани со бронхопневмонијата?

Симптомите на бронхопневмонијата, генерално, се слични на другите форми на пневмонија. Првично симптомите се слични на оние на грипот – кашлица, малаксаност, главоболки, замор и треска. Со текот на времето симптомите може да се влошат и да вклучуваат болка во градите, отежнато дишење, но и конфузија и делириум кај постарите лица или пациентите со значително ослабен имунолошки систем.

Кога станува збор за бронхопневмонија кај децата и доенчињата, нивните симптоми може да бидат малку поинакви во форма на: раздразливост, намален апетит, отежнато спиење, конгестија, зголемен пулс и ниска заситеност со кислород.

Третман на бронхопневмонијата

По утврдувањето на дијагнозата бронхопневмонија, лекарот веднаш ќе предложи боледување и ќе препише лекови за лекување на состојбата.

Ако се работи за вирусна бронхопневмонија, состојбата може да се реши во рок од две недели со многу течности и одмор. Кај бактериски и габични бронхопневмонии антибиотиците се задолжителен дел од третманот.

По само два дена од земањето антибиотици, пациентите може да почувствуваат подобрување и ублажување на симптомите на бронхопневмонијата. Истовремено, многу е важно пациентот до крајот да се придржува на препишаната терапија и самоиницијативно да не го скратува периодот на одмор и земање лекови, дури и ако мисли дека состојбата е излечена. Тешките случаи на бронхопневмонија може да бараат болничка нега.

Пациентот ќе биде упатен на болничко лекување доколку:

– има дијагноза бронхопневмонија и големи тешкотии со дишењето;

пациенти со ХОББ;

– пациенти со хронични белодробни заболувања;

– пациенти што покажуваат знаци на конфузија.

Компликации

Компликации на бронхопневмонијата може да се појават во зависност од причината за инфекцијата. Компликациите во тешки случаи и луѓе со сериозно компромитиран имунолошки систем може да вклучуваат:

– сепса;

– апсцес на белите дробови;

– акумулација на течност околу белите дробови;

– респираторна инсуфициенција;

– бубрежна инсуфициенција;

– срцеви состојби, како што се срцева слабост, срцев удар и неправилен ритам.

Колку долго може да потрае закрепнувањето?

Повеќето пациенти со бронхопневмонија закрепнуваат во рок од неколку недели. Колку време е потребно за закрепнување зависи од неколку фактори:

– возраст;

– сериозноста на состојбата;

– причината за инфекцијата;

– општата здравствена состојба на пациентот;

– компликации предизвикани од болести;

– колку пациентот се придржува до препишаната терапија.

Веќе кажавме колку е важно пациентот да се придржува до терапијата што му ја препишал лекарот. Недостигот од одмор и несоодветната употреба на препишаните лекови може да доведе до долго закрепнување, па дури и до развој на компликации, кои може да бидат опасни за животот.

Ако се сомневате дека имате бронхопневмонија или други проблеми со дишењето, задолжително јавете се кај вашиот лекар. Вашиот лекар ќе ја постави вистинската дијагноза и ќе го предложи најдобриот третман за вашата состојба.

Scroll to Top