Симнете ги вишокот килограми со пешачење

Сега е вистинското време да се позанимавате со вашето тело, а најдобриот начин за тоа е физичката активност. Најдобрата и најдостапна физичка активност е прошетката, односно пешачењето.

1. Правете по 15.000 чекори дневно

Личната тренерка Хана Дејвис препорачува да правите по 15.000 чекори дневно. Можеби таа бројка ви се чини преголема, но во неа влегува буквално секој чекор што ќе го направите од моментот кога ќе станете од кревет. Не грижете се за тоа доколку многу бавно го зголемувате бројот на чекорите. Само почнете, советува Дејвис.

2. Пешачете трипати дневно по 20 минути

Ако секој ден трипати дневно пешачите по 20 минути, тоа ќе ви помогне да го достигнете посакуваниот број чекори и да ослабите. Едно истражување на Универзитетот во Вашингтон утврдило дека луѓето што оделе 15 минути по секој оброк имале подобра рамнотежа на шеќерот во крвта за разлика од оние што оделе 45 минути во кој било период од денот.

Тоа значи дека одењето по ручекот може да ве спаси од вообичаената попладневна летаргија што се јавува по јадење и од желбата за благо. Испробајте го и трикот со кој ќе стопите 20 отсто повеќе калории додека одите.

3. Одете по нагорнина трипати неделно

Одењето по нагорнина, што вклучува и одење по скали, помага во изградбата на мускулите и го забрзува метаболизмот. Почнете така што трипати неделно во рутината на одење ќе додадете и интервали на одење по нагорнина, па постепено зголемувајте ја зачестеноста.

4. Правете интервали на брзо одење

Одете така што ќе правите едноминутни интервали во кои ќе го забрзате ритамот на одење, со што ќе го зголемите бројот на отчукувања на срцето и ќе согорите повеќе калории. Откога ќе додадете едноминутни интервали во вашата рутина на одење, постепено почнете да ги зголемувате ритамот и траењето на интервалот. Додека одите бргу, движете ги рацете. Поместувањето на рацете ќе ви помогне да согорите повеќе калории и да ги зајакнете рамената и стомакот.

5. За време на секое пешачење, додајте и вежби

Слабеењето со одење не подразбира само одење. Правете паузи во кои ќе правите од 15 до 20 клекнувања, склекови, потпирајќи се на клупа или правете длабоки расчекори. Сите тие вежби ги забрзуваат отчукувањата на срцето, помагаат во изградбата на мускулите и во тоа да не ви стане одењето здодевно.

6. Ограничете го дневното внесување калории на 1.600

Колку хранливи материи треба да внесете во текот на денот зависи од многу фактори, но повеќето жени што слабеат со одење внесуваат од 1.200 до 1.600 калории дневно, од кои повеќето се протеини. Ако сакате да ослабите со помош на одење со низок интензитет, ќе мора строго да внимавате на исхраната. Покрај зголемувањето на физичката активност, ќе мора да го намалите и бројот на калории.

7. Одете по подолгиот пат

Со воведувањето поголем број чекори во вашите секојдневни активности (паркирање подалеку од работното место или домот, користење скали наместо лифт и слично) ќе си ги олесните достигнувањето на бројката од 15.000 чекори дневно и слабеењето.

Со текот на времето малите повремени движења навистина прават разлика. А освен витата линија, со пешачењето ќе си го подобрите и здравјето.

Scroll to Top