Пешачењето со одредено темпо и здравата исхрана помагаат полесно да ослабите отколку ако трчате, велат експертите. Тие советуваат оваа лесна физичка активност да ја правите рано наутро бидејќи телото тогаш најдобро реагира. Според препораките, доволно е да пешачите по 40 минути трипати во неделата.
Брзото одење е најлесниот и најприроден начин за сите што сакаат да ослабат. Доволно е да направите по 10.000 чекори дневно, што и не е недостижно како што изгледа. Брзата прошетка од 40 минути може да согори повеќе маснотии отколку трчањето. За време на трчањето срцевиот ритам е висок и претежно го согорува шеќерот, а за време на одењето срцевиот ритам е помал, па телото ги користи мастите како гориво.
Пешачењето го стимулира производството на хормонот инсулин, кој ги разградува шеќерите и спречува дијабетес. Неколку студии потврдуваат дека брзото одење го намалува ризикот од развој на дијабетес тип 2, дури и кај луѓе што имаат генетска предиспозиција.
Истовремено, пешачењето ја подобрува циркулацијата и со тоа го спречува задржувањето на водата во организмот. Заедно со пливањето, пешачењето е физичка активност која помага во борбата против целулитот.
Брзо одење ги развива и зајакнува срцевите мускули и ја подобрува циркулацијата на крвта, што е многу важно доколку имате срцеви проблеми.
Пешачењето им помага на луѓето што страдаат од вознемиреност бидејќи на тој начин се ослободуваат од стресот и се релаксираат.