Состојки кои се забранети во Европа, а се легални во Америка

Властите во Европска унија и Канада забранија употреба на над 1.300 супстанции во козметиката, додека американските агенции за контрола на безбедноста на козметиката и лековите забранија само 11. Иако некои козметички состојки се целосно забранети за употреба во Европа, во Америка можат да се најдат во многу козметички производи.

Во продолжение дознајте кои се контроверзните состојки.

Состојки кои се забранети во Европа, а легални во Америка

1. Формалдехид

Го има во: третмани за исправување на косата, лепак за трепки и лакови за нокти.

Зошто е лошо: Формалдехид е течност, која кога се загрева со пегла за коса, се претвора во гас којшто оди директно во вашето лице и лицето на вашиот фризер, додека правите третман со кератин за зацврстување на косата. За среќа, оваа состојка е забранета во Европа, но истото не може да се каже за САД. Оваа состојка е канцерогена и може да предизвика алергиски реакции и е поврзана со многу здравствени проблеми. Иако формулите за кератински препарати со формалдехид се повлечени од ЕУ, Канада и Австралија, тие може да се најдат во Америка, како и во некои други земји.

2. Триклосан

Го има во: пасти за заби, сапун и антибактериски гелови за миење раце.

Зошто е лошо: Оваа состојка е забранета во ЕУ, бидејќи има лош ефект врз ендокрините жлезди, што доведува до повеќе здравствени проблеми поврзани со хормоните, како што се дебелината и неплодноста. Иако не е забранетa во Соединетите држави и може да се најде во разни производи за лична нега, сепак е под истрага.

3. Нафта

Го има во: производи за нега на кожа и коса.

Зошто е лошо: Иако нафтените продукти како минералното масло, парафинот и вазелинот се одлични за хидратација на кожата, постојат неколку студии што ги поврзуваат овие состојки со ракот, а нивната долгорочна употреба е под знак прашалник. Не е проблем да ги користите парафинските третмани за нега на кожата од време на време, но правете го тоа еднаш месечно. Почесто употреба во никој случај не се препорачува.

4. Хидрохинон

Го има во: препарати за избелување и осветлување на кожата на лицето.

Зошто е лошо: Оваа состојка е забранета во Европа и Јапонија, поточно скоро насекаде низ светот, освен во Америка каде сè уште се користи. Хидрохинон ги избелува пигментните флеки и дамки. Проблемот е во тоа што е цитотоксичен, односно ги убива клетките и хромозомите, доколку се користи прекумерно, што може да доведе до некои форми на рак. Иако многу студии во Европа открија врска помеѓу честата употреба на хидрохинон и ракот, американските производители на козметика ја користат оваа состојка постојано (во концентрација од околу 4% на рецепт или 2% во продажба без рецепт).

5. Фталати

Ги има во: производи за нега на кожа и коса, лакови за нокти и пластика

Зошто се лоши: Ова семејство на козметички состојки е забрането во Европската унија, поради можните врски со канцерогени заболувања. Фталатите се поврзани со хормонални нарушувања и кај жени и мажи. Постојат многу студии за фталатите, иако треба да се направат уште повеќе.

6. Парабени

Ги има во: производи за нега на кожа, коса и тело, во течни пудри.

Зошто се лоши: Парабените се познати конзерванси, кои го спречуваат растот на микроби во козметичките производи. Пет различни парабени се целосно забранети во ЕУ (изопропилпарабен, изобутилпарабен, фенилпарабен, бензилпарабен и пентилпарабен), додека другите се строго регулирани, бидејќи се смета дека влијаат врз работата на ендокрините жлезди. Во Соединетите држави, Федералната администрација за храна и лекови не смета дека парабените се опасни по здравје кога се користат во козметички производи.

7. Олово

Го има во: кармини и бои за коса.

Зошто е лошо: Оваа состојка е забранета или регулирана за козметичка употреба во ЕУ, Канада и Јапонија. Оловото е познат невротоксин и е поврзано со намалена плодност кај жените и мажите, и може да биде опасно дури и во мали дози. Иако опасноста од олово е позната, еден тест на 33 популарни кармини во Америка покажа дека дури 61% од примероците ја содржат оваа опасна состојка.

8. Селен сулфид

Се наоѓа во: шампони против првут.

Зошто е лошо: Оваа состојка е забранета во ЕУ и Јапонија, поради нејзината токсичност за луѓето и животната средина. Според студиите направени врз глувци, заклучено е дека е канцерогена за човекот. Меѓутоа, американската администрација за храна и лекови не смета дека селен сулфидот е штетен во мали дози и одобрува негова употреба до 1% во шампоните против првут.

9. П-фенилендиамин

Се наоѓа во: потемни нијанси на бои за коса.

Зошто е лошо: Овој дериват од јагленов катран е поврзан со силни алергиски реакции и чувствителност. Првично, оваа состојка е добиена од јаглен, а денес се добива од масло. Во американските бои за коса, може да се најде во потемни нијанси.

10. Трифенил фосфат (TPHP)

Го има во: лакови за нокти.

Зошто е лошо: TPHP го прави лакот подобро да се лепи за плочката од ноктот и останува флексибилен, но може да создаде хормонална нерамнотежа кај луѓето. Едно истражување покажа дека лаковите за нокти што содржат TPHP делуваат како поттикнувач за почесто мокрење, што се случува по нанесување на лакот.

Scroll to Top