Цвекло за подобра крвна слика, почисто лице и појака коса

Цвеклото е една од најпосакуваните намирници за време на постудените денови, бидејќи благодарение на високото количество на железо и витамини, го штити телото од вируси и ја зајакнува крвната слика.

Помалку е познато дека цвеклото не е добро само за исхрана на анемични луѓе, туку и дека може да се користи и како козметичко средство за нега на кожата, но и кога имате проблем со опаѓање на косата.

За сјајна кожа

Исчистете цвекло со средна големина, исечете го на парчиња и ставете го во блендер. Користете цедилка за да го одделите сокот од кашата. Натопете туфер или парче памучна вата во сокот и нанесете врз лицето. Исплакнете го по 10 минути и измијте се со благ сапун. Повторувајте го овој третман еднаш неделно, по можност пред спиење, и вашата кожа ќе биде видливо посвежа и без мозолчиња. Во исто време, со овој третман, доколку имате проблем со флеки на лицето или рацете, нивниот интензитет ќе се намали.

Го зајакнува коренот на косата

Свежиот сок од цвекло е богат со протеини, калиум, фосфор, калциум и витамините Б и Ц, кои меѓу другото ја подобруваат циркулацијата на скалпот и го забрзуваат растот на косата. Исто така со него можете да го решите проблемот со првутот, сувата или мрсна коса. Измешајте сок од цвекло со иста количина оцет, по можност два децилитри. Со добиената смеса мијте ја косата после бањање барем еднаш неделно. На овој начин ќе го исчистите скалпот и ќе го отстраните првутот.

Фитотерапевтите советуваат да го зголемите внесот на сок од цвекло особено кога ќе забележите дека косата ви паѓа почесто од вообичаено.

Scroll to Top