Во Хрватска пријавен прв смртен случај од примена вакцина против Ковид-19

Агенцијата за лекови и медицински помагала ХАЛМЕД го потврди првиот смртен случај од вакцина против Ковид-19 во Хрватска. Станува збор за 33-годишен маж од Сисак кој починал во март, откако ја примил првата доза од вакцината на „Астра зенека“, пренесе РТЛ. Според нив, мажот бил сосема здрав и без хронични заболувања.

Според информациите, ова е прв случај во земјата што се поврзува со вакцината. Од агенцијата велат дека извештајот на сомнителната несаканата реакција со смртоносен исход е добиен во март. Мажот кој бил вакциниран со вакцината „Астра зенека“ починал 12 дена откако примил вакцина.

Првичниот извештај покажал тромбоцитопенија, дносно дефицит на тромбоцити и крварење.

„Причинско-последична врска помеѓу примањето на вакцината и настанатите реакции е оценета како: веројатна. Со ова изразуваме искрено сочувство до семејството и пријателите на починатиот господин за нивната голема загуба“, велат од ХАЛМЕД и Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ).

Освен овој, во Хрватска досега не се регистрирани други случаи на смрт како реакција од вакцината, и ниту една друга пријавена смрт не е поврзана со вакцинацијата.

Врз основа на проценката на извештаите добиени во европската база на податоци за несакани реакции, Европската агенција за лекови (ЕМА) го идентификуваше овој синдром и откри дека може да се појави многу ретко со употреба на векторски вакцини. При евалуацијата на ЕМА беа собрани нови сознанија во однос на механизмот на настанување на овој многу редок несакан ефект и начинот на дијагностицирање и лекување на состојбата Ова во меѓувреме овозможи подобри резултати од овој несакан ефект, односно значително го намали ризикот од потешки исходи.

ЕМА откри дека иако постои можност за овој многу редок синдром, вкупните придобивки од вакцината во спречувањето на короната се многу поголеми. Вакцината ги намалува ризиците за хоспитализација, потребата од сместување пациенти во единиците за интензивна нега, а го намалува и бројот на смртни случаи.

„За жал, сите лекови и вакцини се подложни на ризик да развијат несакани ефекти, кои во исклучително ретки ситуации може да доведат до смрт. Но, вакцините сè уште се најдобрата заштита од Ковид-19, кој досега однесе повеќе од пет милиони животи. Само во Хрватска починаа повеќе од 11.000 луѓе“, се вели во соопштението на ХАЛМЕД.

Scroll to Top