(Видео) Немал пари да си оди дома, па се испратил себе си како пратка во авион

Колку пати ви се случило некому да му речете да ве спакува во куфер кога сте посакале да одите некаде заедно со него? Можеби за вас ова е шега, но во младоста Брајан од Велс го направил токму тоа – пријатели му помогнале да се спакува во кутија и го пратиле со преостаната стока бидејќи немал пари за авионски билет.

Во миговите кога повеќе од сè сакал да си оди дома, а немал пари, Брајан го направил невозможното – го собрал најнеопходното, се спакувал во дрвена кутија и ги замолил пријателите да го пратат по пошта. Денес, речиси 60 години подоцна, овој човек од Велс ги бара пријателите што му помогнале.

Брајан Робсон ги бара Пол и Џон, на кои не им ги помни презимињата, но знае дека му помогнале да си замине од Австралија, пишува Би-би-си.

Брајан од Кардиф имал 19 години кога двајца пријатели му помогнале да влезе во дрвена кутија за да може да се испрати себеси по пошта, и тоа од Мелбурн до Лондон.

Како што вели, немал пари за авионски билет, но бил очаен да си оди дома. Како тинејџер Брајан почнал да работи за Victorian Railways во програма за помош на имигрантите во Австралија, но воопшто не бил среќен со сопствениот избор.

Но, освен што немал пари да си купи билет за дома, веќе имал потпишано и двегодишен договор.

Неговите патни трошоци биле платени од страна на австралиската влада и, како што вели, требало да им даде околу 800 фунти за да си го плати патот до дома, а неделно заработувал само 30. Поради ова, тој не гледал излез.

Тогаш се сетил дека би можел да се испрати себеси како пратка во товарен авион. Брајан се сеќава дека Пол и Џон работеле заедно со него и биле добри пријатели.

Пол имал пристап до машина за пишување и можел да ги изработи документите потребни за Брајан да биде испратен како товар.

На почетокот пријателите сметале дека Брајан полудел и, како што раскажува, му била потребна цела недела за да ги убеди да му помогне.
„Џон ме поддржуваше цело време, ама Пол не сакаше да го стори тоа“, се сеќава Брајан.
Сепак, пријателите се договориле дека тој нема да каже за нивното соучесништво за да не им создаде проблеми, а тие му помогнале да се спакува во дрвената кутија (со големини на мал ладилник) заедно со перница, светилка, куфер и две шишиња – едното за вода, другото за урина.

Патувањето се покажало како мошне тешко и опасно. Иако имало ознака од која страна да се постави кутијата, никој не ја забележал, па така, додека авионот да слета, Брајан бил оставен повеќе од 20 часа со главата надолу. Целото искуство било мошне болно и Брајан неколкупати се онесвестил.

Она што Брајан не го знаел е дека патувањето не одело според планот. Иако првично требало да лета директно во Лондон и целото патување да трае 36 часа, тој авион бил полн, па кутијата на Брајан била ставена во друг што патувал на подолгата рута, преку Лос Анџелес.

„Бев во кутијата пет дена и ме сместија во магацин. Мислев дека сум во Лондон. Можев да ја поместам раката за да ја земам светилката, но прстите ми беа вкочанети, па ја испуштив. Слушнав гласови како прашуваат: ‘Што се случува овде?’ и тогаш сфатив дека луѓето не зборуваат со англиски акцент, туку со американски“, раскажува тој.
Еден од луѓето погледнал низ дупката на кутијата и побарал помош. Еден час подоцна се случил вистински хаос – Брајан бил опкружен со службеници на ФБИ, ЦИА, аеродромско обезбедување, брза помош…

По ова, бил пренесен во болница, каде што полека закрепнал затоа што буквално се вкочанил за време на патувањето.

За среќа, Американците не поднеле тужби, а бегалецот бил испратен дома со авион, но овој пат во кабина. Сега, на возраст од 76 години, Брајан напиша книга за својата голема авантура со наслов The Crate Escape, што ќе биде објавена при крајот на месецот.

Навраќајќи се на настаните сега, од оваа перспектива, тој вели дека тоа била мошне глупава идеја и дека никогаш не би се сложил неговите деца да направат нешто такво.

Брајан ја раскажа својата приказна, а сега му преостанува само уште да ги најде пријателите. Како што вели, кога се вратил дома, им напишал писма, но не добил одговор.

Тој е сигурен дека тие знаат што се случило со него затоа што за неговата приказна пишува целиот свет, но уште не може да ги најде.

„Ако ги сретнам повторно, само сакам да им кажам дека ми е жал што ги вплеткав во ова и дека многу ми недостигаа кога се вратив. Сакам да ги честам пијачка“, вели тој.
Можеби целата оваа приказна ви звучи лудо, но и самиот Брајан вели дека и сега, по толку години, не може ни сам да поверува дека го направил тоа.

Scroll to Top