Дете паднало во кома откако јадело гумени бомбони „Харибо“ за кои се покажа дека содржат канабис, потврди болницата Зикенхуисгроеп Твенте во Холандија.
Портпаролот на болницата изјави дека не можат да дадат дополнителни детали од причини за приватност, но нагласи дека инцидентот првично не бил сфатен сериозно.
„На почетокот се шегувавме за тоа, но се покажа дека е многу посериозно отколку што мислевме“, рече портпаролот.
Според најновите информации, детето сега се чувствува добро и се опоравува.
Полицијата започна истрага за тоа како канабисот се нашол во комерцијално достапните бомбони.
„Харибо“ вчера соопшти дека соработува со властите во истрагата. Официјалната причина за контаминацијата сè уште не е позната.
Како што беше објавено пред неколку дена, Холандскиот орган за безбедност на храна и производи за широка потрошувачка (NVWA) објави дека канабис е пронајден во килограмски кесички бомбони „Hariboo’s Happy Cola F!ZZ“, поради што производот е повлечен од продажба низ целата земја.
Откритието доаѓа по извештаите дека неколку членови на семејство кои го јаделе производот се разболеле, објави денес „NL Times“.
Досега се идентификувани само три кесички бомбони контаминирани со канабис, но „Харибо“ ја повлекува целата серија како мерка на претпазливост.