Дошла на работа во УЈП без гаќи, директорката со наредба до сите пристојно да се облекуваат

Во Управата за јавни приходи веќе еден месец вработените прават анализа на скандалот кога една од вработените дошла на работа без гаќи. Некој се пожалил кај новата директорка на Управата, Сања Лукаревска, дека е непристојно облечена, па таа до сите вработени испратила кодекс на однесување.

„Ни стана чудно што директорката, која не доаѓа од некоја друга институција, туку е од тука, нѐ познава сите, ни испрати имејл со наредба доследно да го почитуваме кодексот на однесување, но набргу се расчу дека тоа го направила оти некоја од колешките на работа дошла без гаќи. Сега анализираме кој ја пријавил, дали некоја странка или некој од нас“, вели вработен во Управата.

Освен колешката без гаќи, тој вели дека имало и многу други што не го почитуваат кодексот. Колега што работи со странки често се случувало да ги соблече чевлите и цел ден да оди бос по теписонот со објаснување дека му е многу жешко, а длабоки деколтеа и безобразно куси здолништа биле секојдневие.

Кодексот за однесување на вработените во Управата за јавни приходи забранува вработените да доаѓаат на работа во хеланки, во тренирки, во спортски обувки, со длабоко деколте, во налани и во кломпи.

Накитот, шминката, фризурата и маникирот, според кодексот, треба да бидат одбрани за да оддаваат пристојност и уредност и да бидат приспособени на деловниот изглед.

Вработениот што нема да ги почитува правилата на однесување утврдени со кодексот, според УЈП, подлежи на дисциплинска одговорност.

Од Управата велат дека УЈП нема поведено дисциплинска одговорност за вработен по наведениот или сличен основ. Портпаролката Весна Новаковиќ вели дека не е регистриран случај за, како што вели, наводниот скандал.

Scroll to Top