Крокодил од Зоолошката градина во Скопје излегол од своето живеалиште, се прошетал наоколу и пак си влегол во езерото со патките, потврдија од Зоолошката градина. Утрово крокодилот бил најден во езерото и бил повторно вратен во своето живеалиште. Според директорот на Зоолошката, Ѓорги Галетановски, настанот што се случил изутринава не бил единствен, тие и претходно имале дојави дека крокодилот излегува од своето живеалиште и дека треба да се смени ниската ограда.
„Крокодилите се млади и во добра кондиција бидејќи сега влегуваат во пубертет. Тргнал ноќе да истражува. Констатиравме дека оградата треба да се смени, но решивме тоа да го направиме напролет бидејќи набргу ќе заврши сезоната и ќе бидат на затворено. За среќа, тој не изел ниту една патка, а Зоолошката сè уште не била отворена“, вели Галетановски за БИРН.
Очевидци, пак, тврдат дека операцијата за враќање на крокодилот Гањо се одвивала додека Зоолошката била отворена и имало посетители. Во Зоолошката градина во Скопје има два крокодила, мажјак и женка.