Крадци сред бел ден украле мост долг 18 метри па го продале како старо железо

Крадци во Индија сред бел ден украле цел мост и го продале како старо железо. Тие успеале да го демонтираат и украдат мостот тежок 500 тони и долг 18 метри кој се наоѓал во близина на селото Амијавар. Мостот бил изграден 1972 година, а ги поврзувал бреговите на каналот Ара.

Бидејќи пред извесно време бил прогласен за опасен, бил ставен вон употреба и во негова близина е изграден нов бетонски мост. Селаните побарале од надлежните да го отстранат стариот мост, по што се појавила екипа со тешка механизација и почнала да го демонтира мостот и да отстранува делови. Бидејќи носеле работнички униформи, селаните не ни помислиле дека тоа се крадци, туку верувале дека се работници во државни институции. Крадците сами велеле дека се од државниот сектор за одржување канали и за два дена го демонтирале мостот.

„Луѓето дојдоа со тешка механизација, секачи на гас и работеа цели два дена на демонтирање на мостот“, рекле локалните жители и додале дека се изненадени од нивната посветена работа, па јавно ги пофалиле државните службеници. Дел од нив ставиле и слики на социјалните мрежи.

Неколку дена потоа локалните жители во медиумите прочитале дека легендарниот стар мост исчезнал и дека државата нема никаква врска со тоа.

Полицијата во моментов врши увид на сите откупни станици за старо железо за да ги пронајде мостот и крадците. Според медиумите, полицијата нашла некои членови на бандата, но не и мостот, ниту пак неговите делови.

Scroll to Top