Малолетник украл автобус и развезувал патници низ Белград

Малолетник од Белград украл автобус на линијата 59 и со него развезувал патици за време на такси-блокадата што се случуваше деновиве во градот. Автобусот бил оставен отклучен на една од постројките, а возачот брзо забележал дека автобусот го нема. Тој повикал полиција, а тие за брзо време го фатиле крадецот, 17-годишниот С.Б, пишуваат српските медиуми. Иако од компанијата не сакале да зборуваат за пропустот на возачот, според медиумите, станува збор за момче кое веќе им било познато на возачите, велат „тој сакал да се дружи и да разговара со возачите на јавниот превоз“.

„Недалеку од стадионот на ‘Црвена ѕвезда’ видов паркиран автобус 59. Малку се изненадив што беше паркиран, ама не ми беше многу чудно зашто сите линии беа нарушени поради протестите. Но, ми беше чудно кога истиот автобус, за кој знам кој го вози, ме заобиколи. Не возеше мојот колега, туку момчето“, рекол за „Политика“ друг возач на автобус кој сакал да остане анонимен.

Не е познато точно колку лица имало во автобусот за време на кражбата. Според некои информации, во автобусот имало само една повозрасна жена, а според други дека внатре имало неколку врсници на малолетниот крадец.

Против малолетникот е поднесена кривична пријава за неовластено користење на туѓо возило и за возење без возачка дозвола.

 

Scroll to Top