На дел од пратениците на комисиската расправа за зголемување на даноците на личен доход им стана досадно, па се фатија за смартфоните и си прегледуваа приватни галерии на социјалните мрежи или „четуваа на месенџер“.
Успеавме да уловиме дел од овие моменти, кои не се ретки во последно време.
Со чест на исклучоците, меѓу нив има и верни на добро познатиот стар начин на „убивање досада“ со цртање и чрктање по рабовите на листовите од материјалите. Еден од пратениците на денешната седница си нацрта цветови, елки , ѕвезди и други симболи…
Но, некој мора да го брани ставот на својата партија, уловивме дел и од оние кои се „жртвуваа“ и будно следеа на сметка на оние кои тепаа време.
Во еден момент дел од нив толку се занесоа што заборавија дали треба да гласаат „за“ или „против“. Забуната се случи кога за еден од предложените решенија за кои постигнаа договор пратениците од парламентарното мнозинство мораа да бидат прозвани да гласаат. Тие претходно гласаа против сите предлози и кога требаше да гласаат за заедничкиот амандман, тие по навика пак си гласаа против. Гласањето со процедурално барање го повторија, па едногласно со 12 гласа „за“ ги ослободија од оданочување младински активисти кои ги примаат пари како поврат на средства од службени патувања.
Габриела Д.Мишевска