Започна натпреварот во лежење во Црна Гора, годинава 17 учесници ќе се борат за наградата од 1000 евра

Во селото Брезна во Црна Гора, меѓу Никшиќ и Плужине, се одржува традиционалниот натпревар во лежење, а 17 учесници се борат за награда од 1.000 евра. Организаторот и сопственик на Етно-селото, Миќо Благојевиќ, рече дека годинава се пријавиле 21 натпреварувач.

„Тројца се откажаа првиот ден, а еден вчера. Има натпреварувачи и од регионот, од Хрватска, Босна и Херцеговина, има и Руси и Украинци“, рече Благојевиќ, и додаде дека годинава има повеќе учесници бидејќи наградата за победникот изнесува 1.000 евра.

Благојевиќ верува оти годинава ќе биде соборен рекордот од 117 часа лежење што беше поставен пред две години.

„Гледам дека се упорни. Не бараат многу, а имаат оброци и им носиме нешто за пиење и јадење. Вчера издржаа на дожд четири до пет часа. До четврток е најавено добро време, па мислам дека ќе можат долго да лежат мирни“, рече Благојевиќ.

Еден од учесниците рече дека распоредот започнал во петокот, на 18 август, во 10:00 часот и дека натпреварот бил многу забавен, а тимот одличен.

„Местово е убаво, има чист воздух, локална храна. Уморни сме и ни треба одмор“, рече таа и додаде дека на секои осум часа имаат по 10 минути да одат во тоалет и да се истегнат малку.

„Разговараме, се запознаваме. Во моментов сме 17 луѓе. Уживаме во социјалните мрежи, гледаме филмови, читаме книги”, рече таа. Друга учесничка, која веќе еднаш победила на натпреварот и поставила рекорд, рече дека се пријавила годинава бидејќи наградата е многу привлечна, но и за малку да се одмори.

Scroll to Top